Приказната за мајката и маќеата во односот на државата кон домашните и странските компании функционира обратно. Условно речено „дојдените“ или „посвоените“ компании во Македонија добиваат многу поголема мајчинска љубов. Оние другите се оставени сами да се снаоѓаат како сирачиња.

Дејан Азески

По долгогодишните напори за привлекување на странски инвестиции, сттранските компании во последниве години ја открија Македонија како дестинација која нуди одлични услови за инвестирање. Со низа мерки и стимулации власта успеа да убеди повеќе десетици фирми, меѓу нив и големи светски брендови, да отворат фабрика во Македонија. Денес овие странски компании вработуваат преку 6.000 луѓе и креираат над една четвртина од вкупниот извоз на земјата.

Но, оваа пракса покажа уште една работа. Покажа дека македонските влади и институции сепак знаеле што точно и е потребно на една компанија за да инвестира во нов погон и да потвори нови работни места. Се е тоа добро. Но, она што фрустрира е зошто македонските компании со домашен капитал се запоставуваат? Зошто наместо да се наградат и пофалат оние бизнисмени кои повеќе од две децении успеваат да се одржат на македонскиот несреден пазар и економија, се казнети со целосно игнорантски однос кон нив од оние исти институции кои трчаат за да ги решаваа проблемте на нивните странски колеги? Навистина не постои ниту еден домашен бизнисмен кој не сака странски инвестиции и кој не ги подржува политиките на владата за нивно привлекување и стимулирање. Но, бизнисмените во Пинтија, Визбегово, Илинден и многу други вакви самосоздадени зони, за кои Капитал пишува во овој број, со право се иритирани од фактот што се принудени да трошат по десетици и стотици илјади евра тешко заработени пари за сами да си ги обезбедат најосновните комунални услови како вода, струја, канализација и слично.

Македонските бизнисмени со право се иритирани од фактот што се постојана и омилена мета на инспекциите, кои од нив го исцедуваат и последниот тешко заработен денар за истиот да го инвестираат во изградба на идеална инфраструктура за странските инвеститори во Бунарџик, Кавадарци и Штип. Наместо барем дел од она што се зема од зоните во Пинтија, Визбегово и Илинден да се враќа на истото место за обезбедување на основната инфраструктура. Ако некој само за да ги придобие симпатиите на широките народни маси сака да ја преслика приказната за лошите дебели мачки од Вол Стрит и во неа неприродно да ги сврсти домашните компании тоа дефинитивно го прави погрешно.

Македонските бизнисмени одамна не се дебели аристократски мачки. Тие се веќе слаби и истоштени налик на оние мачки од нашата улица, кои последната енергија ја трошат за да преживеат во опкружувањето кое е крајно непријателски настроено кон нив. Кој е поголем патриот тука? Бизнисмените, кои, и покрај се, одлучуваат да инвестираат и работат во таква средина или политичарите кои им е полна устата со патриотизам, а на дело немо го гледаат нивното мачење за живот?!
